На 26.02.2020 година во просториите на СОЗШУ „Ѓорче Петров” Кавадарци се одржа предавање на тема

Унапредување на воспитно-образовната работа во училиштата“, од страна на проф. д-р.Розалина Попова-Коскарова, редовен професор на Педагошкиот факултет во Скопје.

Целта на предавањето е да го сврти вниманието кон веќе во голема мера занемарената воспитна функција во нашите училишта, да им помогне на наставниците да ги идентификуваат причините за недисциплинираното и асоцијално однесување на учениците, да ги унапреди техниките, моделите и стратегиите за полесно справување со дисциплинските проблеми, како и да ги запознае наставниците со светските искуства на овој план, односно како развиените земји во светот ( САД, Канада, Норвешка, Шведска и др.) се справувуваат со дисциплинските проблеми.

Целна група на проектот се наставниците и педагошко-психолошката служба во училиштата.
Иницијативата за реализација на овој проект, произлезе од фактот што иако училиштето се дефинира како воспитно-образовна институција, што претпоставува дека воспитната и образовната компонента се интегрирани, во практиката веќе подолго време е евидентно значително нарушување на тоа единство, односно сериозно запоставување и занемарување на воспитната мисија на училиштата. Сето тоа пак, многу негативно се рефлектира врз младите од сите аспекти во животот.
Веќе подолго време, во нашите училишта, изразито се нагласува и до определен степен се фаворизира исклучиво само стекнувањето на знаењата, односно образовната компонента, а воспитната е ставена на маргините. Од таа причина, голем број од наставниците својата професија ја сфаќаат многу еднострано, во смисла дека пренесувањето и утврдувањето на знаењата претставува најважната и единствена задача на училиштето. За ваквата состојба можеби придонесоа и зголемените административни задолженија кај нив, казните со кои секојдневно се соочуваат, опаѓањето на авторитетот на наставникот и сл. Од друга страна пак, родителите се повеќе немаат време за своите деца, односно кај нив се чувствува недостиг на внимание и љубов од страна на семејството. Таквата состојба во семејството се рефлектира во однесувањето на децата, преку зачестено агресивно и асоцијално однесување, меѓусебна нетрпеливост, зачестени отсуства од часови, непочитување на наставниците и уште многу други негативни појави.
И родителите и наставниците се подеднакво одговорни за воспитанието на учениците, односно, во никој случај не ги оправдува и не ги иззема од одговорност како заеднички субјекти во воспитувањето на децата.
Од спроведената евалуација на наставниците по завршувањето на проектот, може да се констатира дека овој проект е вистинскиот избор за потребите на наставниот кадар поради можноста да ги збогатат и прошират своите сознанија за поуспешно воспитно делување, за полесно надминување со проблемите со недисциплинираните ученици, а пред се поради можноста практично да се применат сознанијата во секојдневниот едукативен процес. Впрочем, современото општество бара современ наставник кој колку што успешно ќе образува, исто толку успешно и ќе воспитува, односно ќе изградува личност со вредности, со ставови, со чувство за толернација, солидарност и емпатичност, надминување на предрасудите и стереотипите, изразена културна сензитивност и меѓусебно почитување.
Огромен број од наставниците ја изразија желбата со ваквиот тип на едукација да бидат опфатени и родителите, бидејќи тие претставуваат многу значаен фактор во воспитанието на децата, но во современото живеење се почесто се немоќни да се справат со однесувањето на децата, како и успешно воспитно да делуваат.